..Страшо Пинџур е роден на 3 март 1915 година во село Ваташа, Кавадаречко. Мошно бргу останува без родители. По смртта на татко му во почетокот на Првата светска војна, во борбите кај Криволак, мајка му пак се премажува во Неготино, а грижата за него ја презеде баба му.
Детството на Страшо беше тешко. Баба му, жена во поодминати години, не беше во состојба да ги обработува нивите, па ги даваше под наем. За нив добиваше половина од реколтата, а примаше и паричен надомест за одгледување на Страшо. Сепак, приходите не беа доволни за нормално живеење. Поради немање родителска љубов и топлина, Страшо како што го викаа ваташани, стана многу чувствителен. И покрај тоа, како и повеќето деца, и Страшо беше многу љубопитен. Потребата од родителската нежност го гонеше често да оди во Неготино кај мајка му. Таму се чувствуваше среќен, зашто и тој имаше мајка, иако премажена сепак му беше мајка. Страшо основно училиште завршува во Ваташа, а нижа гимназија учи во Кавадарци, секојдневно одејќи пеш од Ваташа до градот.
Великосрпскиот режим на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, плашејќи се од создавање се побројна македонска интелигенција која отворено истапуваше против политиката на асимилацијата и денационализацијата, направи промена во својата просветна политика. Од 15 гимназии: осум полни и седум нижи, колку што имаше во 1925/26 година кога Страшо требаше да се запише во гимназија, во учебната 1932/33, во Македонија имаше само три гимназии.
Завршените средношколци од "југот" беа упатувани во посебни интернати во Србија - како посоодветни места за србизирање на младите Македонци. Прилог кон таквата големосрпска политика беше и давањето државни стипендии за посолидни, а материјално посиромашни ученици.
Желбата за наука, одличната карактеристика и семејната состојба на Страшо му овозможија да стане државен стипендист - питомец, прво во Крагуевац. Новата средина придонесе за мисловно созревање на младиот Страшо. Интензивно размислува за сопствената состојба, но и за положбата на својот напатен македонски народ. Личните осознавања ги бележи во една тетратка, подоцна позната како "Дневникот на Страшо Пинџур". По здобивањето со висока матура во Крагуевац, Страшо се запишува на студии по право во Белград. Неговата определба наиде на благ удар кај баба му Наца. "Ете, ти не ме послуша. Ти велев да учиш за учител, да го наследиш татко ти, да бидеш близок до народот. А ти!".
Страшо, и покрај почитта кон баба си, продолжува по определениот пат, зашто сакаше да навлезе во тајните на општествените закони, за поуспешна борба против режимот во Белград. Таму се вклучи во илегалниот живот. Се дружеше со Кузман Јосифовски, со Димче Левков, со Мирче Ацев и други. Учествуваше во повеќе штрајкови на работниците, а направи обид да замине за Шпанија како доброволец.
По создавањето на легалната организација "Народен студент" од страна на Партијата, Страшо влезе во нејзините редови. Тоа го однесе и во злогласниот затвор "Главњача", а потоа и на "Ада Циганлија". Тогаш започна и крајот на неговата голгота.