Срцето отсекогаш било тема за луѓето, со цели томови посветени на значењето на љубовта. Научниците денес откриваат дека пумпата за крв во нашето тело е многу покомплексна отколку што прво се мислело.
1. Сексапил. Ако веќе не вежбате класично, направете малку „гимнастика под чаршафите“. Вашето срце ќе ви биде благодарно. Истражувањето спроведено врз 2.500 мажи на возраст помеѓу 49 и 54 години покажало дека доколку доживуваат оргазам барем три пати неделно, ја преполовуваат веројатноста за смрт од некоја срцева болест. Сексот слободно може да се смета и за вежбање: проценето е дека при една енергична сексуална средба согоруваат околу 200 калории, што е еднакво на 15 минутно брзо трчање.
2. Женско срце. Жените се во предност околу некои работи за срцето, но кога се работи за кардиоваскуларните болести - главни се мажите. Со децении на срцевите заболувања и инфарктите се гледа како на машки болести, а тоа е далеку од вистината. Годишно, во САД, од срцеви заболувања умираат 500.000 жени, што е за 50.000 повеќе од мажите. Жените не доживуваат срцев удар како на филмовите: со остри болки во градите и губење на свеста. Наместо тоа, тие се жалат на умор, болка или притисок во срцето и дополнителни симптоми како мачнина и болки во грбот и вилицата.
3. Закрепнување на срцето. Скршеното срце при невозвратена љубов толку боли, што посакувате да имате „ново“ срце или барем прибор за поправање. Овие две опции може наскоро да станат и лесно достапни. Научниците ги истражуваат црвеноточкестите саламандри за да развијат терапија за луѓето со физичко оштетување на срцето. Саламандрите се водоземци кои ги регенерираат оштетените делови од своето тело, па дури и срцето. Во друго истражување, научниците во лабораторија одгледале срце што чука од матична клетка од ембрион.
4. Од срце за срце. Наизглед глупавиот поглед со кој ве гледа кучето, или попатното триење на мачката од вашата нога ве тера да помислите дали е возможно тие да комуницираат со вас. Една неодамнешна студија ги става и коњите на списокот животни коишто можат да ги распознаат човечките емоции. Научниците откриле дека биењето на срцето на коњот се усогласува со биењето на срцето на човекот којшто го допира. Коњскиот детектор на емоции еден ден ќе може да ја замени апаратурата за стрес-тест.
5. Големи срца. Некои луѓе навистина имаат поголеми срца од другите. Но, зголеменото срце повеќе е знак на срцево заболување отколку на знак за вљубеност. Најчестиот тип на зголемување, наречен дилатирачка кардиомиопатија се појавува кога срцевите комори се истегнати и зголемени. Испакнатините го ослабнуваат пумпањето на срцето и се намалува дотокот на крв во органите. Ако не се лечи, зголеменото срце за кратко време откажува.
6. Смејте се, тоа е добро за вас. Смеењето од срце, она од кое ви се насолзуваат очите, прави многу повеќе од подобрување на расположението. Истражувањата покажале дека смеењето на глас ги отпушта мускулите на крвните садови со што се подобрува дотокот на крв во следните 45 минути. Кардиоваскуларните болести се последица на оштетувањето на токму овие мускули. Тоа и не е баш за смеење... или можеби е...
7. Пијте за своето срце. Една чаша црвено вино оди право кон срцето, но неодамнешните истражувања покажуваат дека истиот ефект го имаат и белите вина. Научниците го оправдуваа ефектот на црвеното вино со лушпата од грозјето, бидејќи таа е полна со одредени антиоксиданси. Бидејќи грозјето се лупи за да се добие бела варијанта од виното, многу научници претпоставуваа дека овие вина немаат позитивни ефекти на здравјето на срцето. Но лабораториските опити со глувци покажале дека внатрешноста на зрната е полна со други состојки погодни за срцето. Затоа, кога треба да изберете вино - следете го своето срце.
8. Моќна пумпа. За помалку од една минута, вашето срце пумпа крв до секоја клетка од вашето тело. И во текот на денот со околу 100.000 отчукувања лансира 9.000 литри крв богата со кислород, низ 96.650 километри крвни садови кои ги поврзуваат ткивата и органите во нашето тело. Тоа е доста добра работа за мускул со големина на тупаница.
9. Скршено срце. Скршеното срце може да предизвика губење на свеста. Истражувањата покажале дека раскинувањето со саканата личност или пак вест за смртта на сакана личност буквално може да доведе до скршени срца во облик на зголемен ризик од срцев удар. Овие трауми доведуваат до зголемено ниво на хормон на стрес кој привремено го „зашеметува“ срцето. Резултатот се симптомите на срцев удар: болки во градите и тешкотии со дишењето. Но ова заболување на срцето се лекува со блага терапија и одморање.
10. Знак на љубов. Со тежина од околу 280 грама, мускулот исполнет со крв наречен срце стана универзален знак на љубов. Старите Грци верувале дека срцето е седиштето на духот, Кинезите го сметаат за центар на среќата, а Египќаните мислеле дека од него потекнуваат емоциите и интелектот. Сепак, никој не е сигурен од каде точно потекнува поврзувањето на срцето со љубовта. Една од тезите е дека срцето го добило ова значење во античкиот грчки град Кирена во денешна Либија. Оваа колонија била позната по растението наречено Силфиум - чијашто мешунка била полна со зрна во облик на срце. Силфиумот имал лековити својства, а можно е да се користел како растително контрацептивно средство.