Еве ги резултатитеИли Македонија или нема пренос
Ракометната
федерација на Македонија и Македонската телевизија ја добија битката за
името со Европската ракометна федерација (ЕХФ) и во преостанатиот тек
од првенството веќе никој нема да смее јавно да не именува ФИРОМ. ЕХФ
ги изигра домаќините и ја наметна оваа референца во преносот од
натпреварот Македонија-Германија во вторникот, на што бурно се
реагираше од наша страна и од МТВ дури се заканија дека веќе нема да
има преноси за целиот свет доколку се повтори ова уште еднаш.
Традиционалниот
партнер на ЕХФ, "Свис тајминг", ја подготвува графиката за
ТВ-преносите. Од РФМ велат дека оттаму во ниту еден момент не правеле
проблеми околу користењето на уставното име на државата и затоа сите
биле шокирани од дрскоста на ЕХФ, која во последен момент ургирала за
употребата на референцата ФИРОМ. Челниците на "европската куќа на
ракометот" се правдале дека така мора да биде, бидејќи Македонија е
примена во членството на ЕХФ под таа референца. Ова предизвикало остра
реакција на генералниот директор на МТВ Ефтим Гаштев.
- Или ќе
пишува Македонија или нема да има преноси. Нема тие да ни наредуваат и
да не понижуваат во сопствената држава - се заканил Гаштев.
Организаторите
на првенството вчера прогласија победа во битката со ЕХФ, ветувајќи и
на јавноста дека веќе нема да се повтори ова и дека отсега ќе се
користи исклучиво името Македонија.
ЕХФ е една од
најнефлексибилните меѓународни спортски федерации по ова прашање и
воопшто не го зеде предвид фактот дека Грција нема свои претставници на
првенството. Така, од неговото лого во прв момент не можеше да се
разбере во која држава ќе се игра првенството, па РФМ се избори да биде
додадена кратенката МКД.
Македонија во втората фаза на Европското првенство
Најдобрите
македонски ракометарки забележаа победа во третото и последно коло од
групата Д и на тој начин, со две победи во фазата по групи, си
обезбедија пласман во следната рунда на Европското првенство, кое се
одржува во нашата земја. Македонија славеше над Србија со 31:30,
доволно за второ место во групата зад Германија.
Натпревар полн со пресврти, игра на нерви, атмосфера за паметење, меч за спортски анали...
Признанието
играч на натпреварот сосема заслужено го понесе голманот на "црвено -
жолтите", Тања Андреева, која зад своето име запиша 16 успешни
интервенции. Тодоровска беше најпрецизна во нашиот тим со 8 постигнати
голови, Бујанова постигна 6, Кресоја и Портјанко по 4 пати ја затресоа
противничката мрежа. Во противничкиот тим на нашиот северен сосед Лекиќ
прикажа одлична игра, постигна 7 голови, но недоволно за да спречи
пораз и солзи на лицето кај неа и кај нејзините соиграчи.
"Разочарани
сме на големите натпреварувања, секогаш во преден план е домаќинот да
ја мине првата рунда. Луѓето од ЕХФ не ги интересира квалитетен
ракомет, ги интересираат само парите. Македонија прикажа храбра игра,
но во следната фаза не оди подобрата екипа." - изјави на
прес-конференцијата селекторот на Србија, Часлав Динчиќ.
"Им
честитам на девојките за остварениот успех. Во сите три изминати меча
покажавме искрена желба за триумф, борбеност и максимален ангажман. На
крајот сето тоа вроди со плод. Ја остваривме зацртаната цел, но се
надевам дека ова нема да биде последната победа за нас" - изјави
селекторот на Македонија, Владимир Глигоров.
Германија
по денешниот триумф над Хрватска во втората фаза влегува со 4 бода,
Македонија во новоформираната група носи 2, додека Хрватска ќе биде без
бодови.
Во новоформираната група во втората фаза, нашата
репрезентација ќе игра против репрезентациите на Русија (8. декември),
Шведска (10. декември) и Белорусија (11. декември) со почеток од 20:15
минути во салата "Борис Трајковски". По двете остварени победи во
првата фаза апетитите на нашата репрезентација и целата домашна
спортска јавност пораснаа и сите посакуваат висок пласман на наша
почва.
извор