Ако постои живот на Венера, можно ли е да бил „издуван“ до Земјата?
Ја
знаеме можноста дека вонземскиот живот пристигнал од друга планета,
астероид, или комета. Меѓутоа, начинот на транспорт обично вклучува
парче карпа кое паѓа на нашата планета, како метеор. Сепак, можеби
постои и друга форма на меѓупланетарна трансмисија. Што ако има
микроскопски форми на живот, кои лебдат во горниот дел од атмосферата
на Венера (облаците содржат компоненти кои индицираат присуство на
микроорганизми)? Можно ли е тие да допатувале до Земјата? Очигледно е
можно, ако Земјата и Венера точно се подредат, за сончевиот ветар да
може да носи микроби од горните облаци на Венера до Земјата за време од
неколку дена...
|
Уметнички приказ на „ударот“ на Сончевиот ветар во атмосферата на Венера |
|
Заради
нивната големина и геологија, кои се многу слични, Земјата и Венера
често се нарекувани сестри. Иако површината на Венера можеби изгледа
непогодна за да цути живот (температурата и атмосферскиот притисок се
екстремни), сепак можно е да постои микробски живот во облаците.
Регионот, кој се наоѓа на 50 km над површината на Венера, можеби е
најземјоликиот во целиот Сончев систем.
Затоа, не треба да биде
изненадување зашто некои научници веруваат дека тоа е добра локација за
да трагаат по најосновните форми на живот. Двајца такви научници се д-р
Чандра Викрамасинге (Chandra Wickramasinghe) и д-р Јанаки Викрамасинге
(Janaki Wickramasinghe) од центарот за астробиологија Кардиф, во Велика
Британија (Cardiff Centre for Astrobiology), кои веруваат дека
хемискиот состав на облаци на Венера покажува присуство на
микроорганизми. За нивното истражување тие користеле податоци од
мисијата Венера Експрес, која сèуште е активна во орбита околу Венера,
и која се обидува да дознае зошто Венера е толку различна од земјата
после 4,6 милијарди години планетарна еволуција.
Двајцата
научници сметаат дека Венера и Земјата не се само геолошки слични, туку
дека можеби се и биолошки слични. „Венера и Земјата често се нарекувани
сестри поради нивните геолошки сличности. Нашето истражување предлага
дека двете сестри можеби се поврзани и биолошки“, вели Чандра. Меѓутоа,
тие не застануваат тука. Ако навистина постои живот на Венерините
високи облаци, можно е тие микроорганизми да го преживеат патот низ
Вселената, оплодувајќи ја Земјината атмосфера. Природно, ова може да се
случи само кога планетите се подредени една зад друга, за Сончевиот
ветер, да транспортира и микроби, еродирајќи ја атмосферата на Венера.
Како
и да е, теоријата за живот на Венера има свои критики. „Идејата за
живот на Венера, особено во облаците каде температурата и притисокот се
слични со тие на Земјата, е веќе некое време присутна, меѓутоа не е
многу веројатна“, вели професорот Фред Тејлор (Fred Taylor), планетарен
научник на Оксфорд Универзитетот.
Сепак, ова е интересно поле на
истражување, кое може да оди во насока да ја објасни фразата и насловот
од книгата „Мажите се од Марс, а жените од Венера“. Па, барајќи живот
на Марс или Венера, не изгледа шокантно воопшто...