Јордан Поп Јорданов - Орцето (познат и само под прекарот Орце) (Велес, 1881 – 17 април 1903) е македонски револуционер - анархист, член на илегалниот терористички кружок Гемиџии кој кон крајот на април 1903 година ги извршил познатите Солунски атентати врз објекти кои целосно или делумно биле во сопственост на западноевропските капиталистички земји и турските власти.
Роден е во Велес, како помлад брат на македонскиот револуционер Миле Поп Јорданов. Се школува во родниот град и Солунската бугарска машка гимназија. Како шестокласник го прекинува образованието и заминува во Софија од каде се префрлува во Солун.
Спаѓа меѓу првите членови на кружокот - Гемиџии, а подоцна и негов водач. Претходно среќавајќи се со С.Мерџанов во Цариград (1899), ја прифаќа неговата идеја за минирање на Отоманската банка во Солун и настојува да ја реализира. Договорено е подземниот тунел до банката да се копа од изнајмениот дуќан берберница на Владимир Пингов. Тунелот ќе биде прокопан во одредениот рок, но акцијата ќе биде одложена. На 29 април 1903 тој ќе го активира динамитот во прокопаниот тунел и ќе ја крене во воздух Отоманската банка. Потоа фрла бомби пред хотелот „Салоник“. Загинува херојски на 30 април 1903 во куќата во која што живеел, фрлајќи ги последните бомби врз турските војници кои го држеле под опсада.