CoolZone

кул форум за кул луѓе
 
HomeHome  CoolzOne PortalCoolzOne Portal  GalleryGallery  Прашања/ОдговориПрашања/Одговори  БарајБарај  ЧленовиЧленови  Членски групиЧленски групи  Регистрирајте сеРегистрирајте се  ВлезВлез  
Промена на поддршката
Сегашна поддршка:
Latest topics
» Imitrex Cluster Headaches
Чет Aвг 04, 2011 3:47 pm by Гостин

» Buy generic cialis online now
Чет Aвг 04, 2011 2:44 pm by Гостин

» Oncologists Not Providing Enough Information About Palliative Care
Чет Aвг 04, 2011 11:12 am by Гостин

» Comprare Viagra. viagra generico in italia disfunzione erettile
Чет Aвг 04, 2011 9:52 am by Гостин

» Comprare Viagra. viagra generico differenze
Чет Aвг 04, 2011 7:11 am by Гостин

» Dating mount sterling. Dating line new york 20.
Чет Aвг 04, 2011 2:54 am by Гостин

» Homoepathic Medicines And Treatment
Чет Aвг 04, 2011 2:00 am by Гостин

» casino poker video
Сре Aвг 03, 2011 3:56 pm by Гостин

» мобимет знакомства
Сре Aвг 03, 2011 12:43 pm by Гостин

» Wellnigh as cut-price as files
Сре Aвг 03, 2011 12:18 pm by Гостин

Top posters
Go Ka (2188)
 
[G]irL4[E] (1887)
 
Иво (711)
 
@komita@ (690)
 
Ane (624)
 
S0tE (547)
 
Dimce* (431)
 
Plavuska (394)
 
viktor_mak (180)
 
ivan4e (111)
 

Share | 
 

 Конгресите на ВМРО

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Go down 
АвторПорака
Go Ka
Модератор
Модератор


Female Број на мислења : 2188
Age : 22
Локација : Струмица
Registration date : 2008-10-22

ПишувањеПредмет: Конгресите на ВМРО   Саб Ное 22, 2008 1:54 am

I Конгрес - Ресен, 1894 година

Се одржал на 27 август 1894 година во Ресен и се собрале 12 – 15 делегати претставници од месните комитети. Конгресот ја започнал својата работа на денот кога било извршено осветување на новоизградената црква „Св. Кирил и Методиј“ од страна на владиката Григориј (подоцна член на Организацијата), што послужило како можност за непречено доаѓање на делегатите и за одржување на Конгресот. Со работата на овој Конгрес претседателствувал д-р Христо Татарчев, инаку претседател на Централниот комитет, а учесници биле видни претставници на ВМРО како: Даме Груев – секретар на Централниот комитет, Пере Тошев, Атанас Лозанчев, Ѓорѓи Пешков, Григор Попев, Александар Чакаров, Александар Хаџи Панов, Тодор Станков, Атанас Мурџев, Трајко Доровски, Никола Наумов и др.

Конгресот ги разгледал извештаите на делегатите за развитокот и ширењето на Организацијата во реоните, како и за престојните задачи. Тука било уточнено однесувањето што требаше да се има спрема Егзархијата, општините и др. Било решено Организацијата да се труди за учители во сите училишта, општински и егзархиски, да протурка по можност свои луѓе. Исто така се донело решение на истиот начин да се преземат општините и училишните управи во свои раце. На секој му било дадено задолжение да дејствува за јакнење на месните комитети, а исто така и за снабдувањето со оружје. Паричните средства на Организацијата се состоеја само од членски влогови. Првиот Конгрес донел одлука организационо територијата на Македонија да се подели на три револуционерни окрузи: Солунски, Битолски и Серски.

Со Солунскиот револуционерен округ било предвидено да раководи непосредно Централниот комитет. За Битолскиот револуционерен округ бил избран окружен комитет во состав: Пере Тошев – претседател, Атанас Лозанчев – секретар, Григор Попев – благајник и Ѓорѓи Пешков – советник. Исто така, во оваа година за Скопскиот револуциуонерен комитет бил избран окружен комитет со седиште во Штип, бидејќи окружната организација таму беше најсилна. Таму во учебната 1894 - 1895 година дејствувале: Гоце Делчев, Дамјан Груев, Туше Делииванов, а подоцна и Петар Поп Арсов, Мише Развигоров, Христо Коцев, Емануел Чучков и др.

Во согласност со донесеното решение на овој Конгрес, истата година започнало издавањето на првите револуционерни весници: „На оружје“, „Бунтовник“ и др. Мрежата на Организацијата продолжила да се проширува во сите краеви на Македонија, како што истакнува Гоце Делчев во октомври 1895 година: „Во Македонија се развива систематска агитација која што има земено големи размери. Нема ниту едно катче во Македонија што не е опфатено“.

По конгресот Централниот комитет почувствувал потреба да биде изработен и еден внатрешен правилник, според кој ќе се раководат месните револуционерни комитети. Задачата да го состави тој правилник му беше поставена на Хаџи Николов, и овој правилник беше усвоен од Централниот комитет, се така во ист состав од шестмината, во дефинитивна форма, до крајот на истата година.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Go Ka
Модератор
Модератор


Female Број на мислења : 2188
Age : 22
Локација : Струмица
Registration date : 2008-10-22

ПишувањеПредмет: Re: Конгресите на ВМРО   Саб Ное 22, 2008 1:55 am

II Конгрес - Солун, 1894 година

Натамошното ширење и организационото изградување на ВМРО предизвикало потреба да се одржи нов конгрес на кој требало да се разрешуваат некои пројавени проблеми во дејствувањето на Организацијата. Конгресот се одржал во Солун, во летото 1896 година. На овој конгрес за прв пат зеле учество сите видни дејци на Огранизацијата: од Битола Пере Тошев, од Одрин Христо Поп Коцев, од Воден Кирил Прличев, од Скопје Христо Матов и од Солунските дејци во тоа време учествуваат Даме Груев (тогаш училишен инспектор во Солун), д-р Христо Татарчев, Ѓорче Петров, Иван Хаџи Николов, д-р Антон Димитров, Петар Поп Арсов, како и Гоце Делчев. Со работата на конгресот претседателствувал д-р Христо Татарчев, претседател на Централниот комитет.

Солунскиот конгрес од 1896 година донел одлука да се промени името на Организацијата во Тајна македонско – одринска револуционерна организација (ТМОРО), кое времено се користело. Со оваа одлука се санкционирала постојната состојба по вклучувањето и на Одринско како организациона територија и со неговото определување да биде составен дел на идната автономна држава. Ваквото проширување на револуционерната дејност наметнала потреба од нова организациона поделба. Така, со решение на овој конгрес биле формирани седум револуционерни окрузи: Солунски, Битолски, Скопски, Штипски, Струмички, Серски и Охридски. При тоа, посебен статус добиле Прилепскиот и Цариградскиот револуционерен комитет, со право директно да комуницираат со Централниот комитет.

Конгресот покрај другото, донел решение да се прекинат контактите со проегзархистичката група и истата да биде известена дека во Организацијата може да се влегува само индивидуално, дека таа е отворена за сите што сакаат да и пристапат и што ги прифаќаат нејзините програмски цели и ги почитуваат нејзините акти.

Многу посложено било прашањето за односот спрема Врховниот комитет (формиран во Софија 1895 година), кој дејствувал надвор од територијата на Македонија. Преземањето репресивни мерки против него неизбежно водело кон подолгорочно судрување. Со тоа Организацијата морала постојано да ангажира сили да се исцрпува, кое, секако, ќе го забавувало развитокот на македонското ослободително движење. Овој конгрес го определил Гоце Делчев на функцијата задграничен претставник на Организацијата и Ѓорче Петров како втор задграничен претставник со седиште во Софија.

Централниот комитет имал имал свој печат со амблем и знаме, познати само на окружните и на околиските комитети. Подредените комитети биле должни постојано да информираат за состојбите во организацијата и во ослободителното дело и да му доставуваат на Централниот комитет подробни месечни извештаи.

За одржување врски со соседните револуционерни комитети, секој окружен, околиски и месен комитет имал тајна пошта. Задачите од безбедносна природа (следење на активностите на надворешните и внатрешните непријатели, претпазливост од нив) ги вршела тајна полиција која му стоела на располагање на секој комитет.

Организацијата пристапила и кон создавање на постојани вооружени сили. Околиските комитети биле задолжени да имаат вооружени чети. Задачите на вооружените чети биле определени со посебен правилник.

Постоеле и казнени одредби предвидени за штети што му се нанесувале на револуционерното дело. Казнените одредби се однесувале за членови нза ВМРО и за нечленови. Надлежен орган за извршување на казните бил месниот комитет. Казната се извршувала откако ќе се добиела согласност од Централниот комитет.

Сите овие организациони одредби биле внесени во новиот Устав на Организацијата, кој по овластување на Конгресот, истата (1896) година го изработиле Гоце Делчев и Ѓорче Петров.

Конгресот го одбележал почетокот на новата фаза во развитокот на ВМРО, т.е. нејзиното прераснување во масовна револуционерна организација со изградена организациона структура за целата територија на Македонија.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Go Ka
Модератор
Модератор


Female Број на мислења : 2188
Age : 22
Локација : Струмица
Registration date : 2008-10-22

ПишувањеПредмет: Re: Конгресите на ВМРО   Саб Ное 22, 2008 1:56 am

III Конгрес - Солун, 1903 година

Од 2 до 4 јануари (стар стил - четврток, петок и сабота) 1903 година се одржал Солунскиот конгрес на ВМРО, познат како Јануарски конгрес. Конгресот се отвори на 2 јануари, во физикално-математичкиот кабинет на Солунската егзархиска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во Солун. На конгресот присуствуваа вкупно 17 делегати, сите до еден легални работници. Ц.К. го претставувале: Иван Гарванов, Спас Мартинов и Димитар Мирчев. Делегати станале и двајцата заслужни дејци, тукушто ослободените од неколкугодишно османско заточение, штипските револуционери Христо Поп Коцев и Тодор Лазаров. Главнината ја сочинувале претставници од 12 реони и тоа:

* Од Солунскиот револуционерен реон – Иван Сапунаров;
* Од Битолскиот – Атанас Лозанчев;
* Од Цариградскиот – Никола Петров;
* Од Одринскиот – Велко Думев;
* Од Серскиот – Лазар Димитров;
* Од Скопскиот – Димитар Ганчев;
* Од Струмичкиот – Иван Ингилизов;
* Од Велешкиот – Тодор Пејков;
* Од Радовишкиот – Георги Варналиев;
* Од Гевгелискиот – Никола Хрлев;
* Од Кукушкиот – Христо Влахов;
* Од Воденскиот – Димитар Занешев.

Не пристигнале поканетите претставници на Штипскиот револуционерен округ и на Тиквешката револуционерна околија.

Посебно биле поканети Гоце Делчев и Глигор Стефанов Попев, кои не присуствувале на Конгресот.

За претседател на Конгресот бил избран Иван Гарванов, претседател на Централниот комитет, а за секретар Димитар Мирчев, поранешни први луѓе на спогодбено згаснатотро Тајно бугарско револуционерно братство.

На третото заседание, на 4 јануари, кое траеше само час и половина се прифати и потпиша ПРОТОКОЛОТ за извршената работа и преземените решенија. Решително против востанието се изјасни само серскиот делегат Л.Димитров, но на крајот и тој се присоедини кон заедничкото мнение. Скопскиот делегат Дим.Ганчев, испратен со директива да дејствува за одлагање на востанието „бар на една година“, исто го потпиша затоа што „и другите потпишале“.

Во протоколот се говори за „претставници на реони“, кога некои од делегатите не претставуваат одделни реони туку цели револуционерни окрузи. На конгресот отсуствуваат творците на Организацијата. Од нив Д.Груев е сеуште на заточение. Хр.Матов, д-р Татарчев и Пере Тошев се амнестирани, но истовремено и „екстернирани“ во Бугарија. Во Софија во тоа време се наоѓа и Г.Делчев.

Нај важниот аргумент против востанието – недостигот на доволно оружје во повеќето реони – беше до извесен степен демантиран од уверувањата на Ив.Гарванов, дека за скоро време ќе се случат крупни доставувања, како и од надежта, дека при општо востание, четите од Бугарија ќе префрлат значително количество пушки и други материјали.

По донесување на решението за востание од страна на Солунскиот – Јануарски конгрес, окружните комитети биле задолжени да ги преземат потребните мерки за забрзување на подготовките за кревање на востанието.

На тој начин црелокупниот организационен механизам на ВМРО бил ставен во движење.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Go Ka
Модератор
Модератор


Female Број на мислења : 2188
Age : 22
Локација : Струмица
Registration date : 2008-10-22

ПишувањеПредмет: Re: Конгресите на ВМРО   Саб Ное 22, 2008 1:57 am

Смилевски Конгрес - Смилево, 1903 година

Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ донел решение за одржување на окружен конгрес на ВМОРО во почетокот на мај 1903 година во с.Смилево, согласно решението на Општиот – Солунски конгрес (јануари 1903). Околиските комитети биле известени за времето и местото на одржување и за бројот на делегатите што требало да учествуваат. Во обезбедувањето на учесниците на конгресот биле ангажирани околу 2000 вооружени лица. Околу Смилево биле воспоставени засилени стражи, а за обезбедување на селото е активирана селската полиција. За одржување на постојана врска со Окружниот и со околиските центри била организирана посебна курирска служба.

Соселаните на Груев ја сфаќаа, покрај честа, којашто им се направи, и целата тешка одговорност од престојот на такво мноштво на револуционерни првенци во нивното село. Затоа месното раководно тело, на чело со својот претседател Георги Чуранов, го мобилизирал целото село и на сите мажи и жени им доверил соодветни задачи. Дел од месната вооружена сила, деноноќно ја вардела целата околина на час, час и половина растојание, а стотина души вооружени смилевци биле на нозе внатре во селото. Одделенија од по 3—4 четници биле пооставени по сите соседни села на Смилево. Невидливи стражари од сите села меѓу Смилево и Битола деноноќно внимавале, формирајќи жив телеграф за предавање на било какво сомнително движење откај вилаетскиот центар и по патчето. Сите раководни тела по тие села знаеле, дека во Смилево се собрани најголемите војводи. Стотици и стотици работници иле на нога. И конгресот заработил во спокојство и полна сигурност.

Смилевскиот конгрес започнал со работа на 2 мај (17 април с.ст) 1903 и траел до 7 мај (22 април с.ст.), во Чурановиот дом и на него присуствувале 32 делегати, но продолжиле да пристигнуваат нови и кон крајот на конгресот, бројот им надминал 45. На конгесот присуствувале Д. Груев, претставник на Централниот комитет, а А. Лозанчев, Г. Пешков и Г. Поп Христов — членови на Окружниот револуционерен комитет. Борис Сарафов учествувал како ревизор на четите; од неговите луѓе заседавале како делегати за воени прашања: Димитар Дечев, јункер и поручик Стојков.

Реоните биле претставувани од:

* Битолскиот — од Ѓорѓи Сугарев од Битола, Парашкев Цветков од Плевен, Никола Петров - Русински од Малешевско.
* Демир-Хисарскиот — од Јордан Пиперката и Димитар Матлиев, охриѓанец.
* Крушевскиот — од Никола Карев од Крушево и Иванчо од Латово.
* Кичевскиот — од свешт. Тома Николов, Димитар Спространов, Васил Попов и од војводите Арсо, Јанаки и Ванчо Мицкови.
* Прилепскиот — од Петар Ацев, Јордан Тренков и Тале Христов.
* Ресенскиот — од Славејко Арсов од Штип, Никола Кокарев, потпоручникот Александар Панајотов од В. Трново и Велјан Илиев (познат под псевдонимот Пенчо) од с. Смилево.
* Леринскиот — од Георги Папанчев од Сливен и Михаил Чеков од с. Екшису, Леринско.
* Костурскиот — од Васил Чекаларов и Пандо Кљашев.
* Охридскиот — од Лука Групчев и Христо Узунов (и двајцата охриѓани), Тасе Хростов, Дејан Димитров (Мицковски) и Аргир Маринов.

По предлог на Сарафов, за претседател бил избран Д. Груев. За секретари биле посочени и прифатени Г. Поп Христов и Пар. Цветков.

Првата точка на дневниот ред била: извештаи за состојбата на реоните.

Се покажало, дека целиот округ располага со 8—9000 пушки: Охридско 1500, Костурско над 1000, Ресенско 960, Кичевско 540 и др. Најнеподготвен се покажал Прилепскиот реон (со мошне малку пушки и тоа не сосем погодни). После доаѓаа: Крушевскиот, (со исклучок на градот и на неколку села: Пуста-рака, Горно и Долно-Дивјаци и др.). Битолскиот (со исклучок на реонот: Смилево, Ѓавато, Цапари и др.).

Делегатите на неподготвените реони се изјасниле против востанието и го критикуваа остро поведението на Лозанчев, затоа што на Солунскиот конгрес го претставувал цело Битолско, без претходно да го земе мислењето на одделните реони во округот. Делегатите на најподготвените околии — Костурско, Демир-Хисарско и Охридско настојуваа за востание. Највоинствен бил Костурскиот делегат Чакаларов, а најголем противник за востанието — П. Ацев.

Спорот продолжил доста долго. Воинствените настојувале, неподготвените се противеле.

Понатамошните спорови се сметале за бескорисни и се започна конкретна, деловна работа: како да им се помогне на неподготвените реони; какво востание да се направи; кога да се востане; како да се искористи времето за востанието.

На прилепчани им се ветиле извесно количество пушки, гилзи и барут. На крушевчани гилзи од патрони „Гра“ и др. Надежта била во Охридско, кадешто веќе редовно се доставуваа пушки и други материјали од Арнаутите, пренесувани по езерото.

Како врховна револуционерна власт се избра Главен востанички штаб, задолжен да раководи со приготвувањето до востанието и дејствијата во текот на самото востание. Во Штабот влегле Д. Груев, Борис Сарафов и А. Лозанчев, со евентуални помошници: Г. П. Христов (за Д.Груев), П. Ацев (за Сарафов) и Л. Поп Трајков (за Лозанчев). Членовите на Штабот се избрале со јавно гласање, а нивните заменици — со тајно. Се прифатило и непротоколарно решение да бидат вклучени кон Главниот штаб, во случај да дојдат за време на востанието, уште и: Хр. Матов, П. Тошев и Ѓорче Петров

Конгресот го ополномоштил Главниот востанички штаб да ја определи, во спогодба со Централниот комитет и со другите окрузи, датата на востанието, но во никој случај не порано од месец јули. Се имало предвид да се пополни, колку што е возможно, недостигот на бојни резерви, да се достават санитарни материјали, да се складира нужното количество храна и да се мине набрзина кон еден курс на воена обука. На Штабот му се доверуваше и да влезе во спогодба со другите окрузи и да дејствува на било каков начин за да востанат и тие.

Одново започнале спорови околу карактерот на востанието: масово или партизанско. Преодолеало и се усвои од сите делегати, мислењето за партизанско востание. Од вооружените луѓе во секој реон се составуваат чети од по 30—50 луѓе. Четите да дејствуваат по изработен план, без да го ангажираат целото население. При покрупни напади, што изискувало поголеми сили, одредот, веднаш по извршената акција, да се раздели на чети и да се распрска за полесно криење и хранење.

Се мислело, дека така селата ќе можат да се запазат и востанието ќе биде подолготрајно. Исто така се решило, да не се допуштат жестокости над мирното турско население и да се штедат турските села, освен ако турците не започнат да ги палат нашите.

Власта во реоните им се повери на горските раководства. Градските раководства се поставуваа во услуга на горските раководства и им се препушташе да извршуваат информациона, посредничка и интендантска служба — исполнување на разни порачки и испораки. На реонските раководства им се довери да ги разделат своите реони на центри и да изберат централни војводи, кои би поминале по еден курс на воена обука под раководството на: Никола Дечев, јункер — во Демир-Хисарско, Кичевско и Битолско; Стојков, поручик — во Охридско; Тод. Христов, потпоручник — во Крушевско; Панајотов, потпоручник — во Ресенско и Преспанско; Папанчев, потпоручник, — во Леринско; Ив. Попов, фелдфебел — во Костурско.

Сарафов и Ник. Дечев изработиле „Востанички дисциплински устав“ за правата, должностите и казните на востаниците, десетарите, централните и реонските војводи. Тој устав, приготвен според воените устави, се прифатил со мали измени. Сарафов изработил и една инструкција за инструкторите, задолжени да раководат со курсот на обуката.

По сите прашања, што се однесува до техничката страна на востанието — материална подготовка, обука, тактика и др. Борис Сарафов, како најкомпетентен, зборувал најмногу и дал вредни совети.

Додека заседавал конгресот, во Солун и Битола се случија потресни настани. Солунската филијала на Отоманската банка беше разрушен на 16 април вечерта во навечерието на конгресот. Гоце Делчев загина во Баница. Заседанијата беа на привршувањето, кога во Битола, како последица на солунските атентати, на 23 април се изврши колеж над христијаните.

За донесените решенија конгресот ги известил Централниот комитет во Солун и Задграничното претставништво во Софија во кое биле д-р Х.Татарчев и Х.Матов. Конгресните документи им ги предал делегатот на конгресот – свештеникот Т. Николов.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Go Ka
Модератор
Модератор


Female Број на мислења : 2188
Age : 22
Локација : Струмица
Registration date : 2008-10-22

ПишувањеПредмет: Re: Конгресите на ВМРО   Саб Ное 22, 2008 1:57 am

Прилепски Конгрес - Прилепско, 1904 година

Во еден идеен вриеж, кога после востанието во Македонија останаа тројцата највидни револуционерни водачи: - Даме Груев, Ѓорче Петров и Пере Тошев – кои мошне многу се разликуваа по карактер и имаа различни сфаќања за напредувањето на организацијата, а и востанието ги оддалечи еден од друг, во почетокот на пролетта беше донесено решение и во првите денови на мај се собраа на окружен конгрес во прилепско следните раководни лица од битолскиот округ: Д. Груев, П. Тошев, Ѓ. Петров, Хр. Узунов, Ѓ. Сугарев, Г. П. Христов, Ник. Каранџулов, П. Ацев, Георги Пешков, Јордан Тренков. Од соседните реони беа претставени уште Стефан Димитров, велешки војвода, Добри Даскалов и Пешо Самарџиев од тиквешко. За претседател беше избран Д. Груев и секретар Хр. Узунов. Конгресот беше подвижен. Една чета од околу 30 души, делегати и четници, се движеше од село во село. Заседанијата започнаа во с. Беловодица, продолжија во Дрен, Смолјани, Царевско, Топлица, Тројаци, Плетвар, Ораховец, Крстец, и завршија кон крајот на мај во Никодимската планина, на врвот Козјак.

По најважното прашање — за уредувањето на организацијата, П. Тошев и Ѓ. Петров се бореа против Груев. Пере беше изработил еден проект-статут, Груев — друг. „Мистериозната централизација се отфрлаше, — кажува Ѓ. Петров за првиот проект [1]), — кога ќе се почне од Ц.К. та до селата, а наместо неа — широка децентрализација. Сложен механизам во вишите раководни установи се предвиде, за да можат сите повидни сили на организацијата да земат учество во делата на организацијата.“ Груевиот проект застапуваше централистички систем. Беа разгледани и отфрлени како крајни и двата проекта. „И покрај силната мотивација на Пере Тошев, кој меѓу другото се потпираше на расположението и желбата на самото македонско население, неговиот проект-статут, како крајно децентралистички и кој што не одговараше на една револуционерна организација, не беше прифатен во неговата целост.“ „Истата судбина го снајде и Дамевиот, кој многу слабо го застапуваше изборното начело за раководните тела“, — пишува Георги П. Христов. На самиот Д. Груев му беше возложено да комбинира од двата проекти еден. Груев тоа го направи со соработка на Ѓ. Петров и на други децентралисти, очигледно воден од желбата да се подготви нешто што би било прифатливо од конгресот и во исто време и применливо.

Конгресот реши третиот проект-статут (комбинираниот) да се употреби како експеримент во округот, двата (основни) проекти да се испратат за проучување во другите окрузи, а изработувањето на заедничкиот статут да му се препушти на идниот општ конгрес . Изработен беше исто така и правилник за четите.

Второ по важност прашање, кое стана предмет на долготрајни и страсни дискусии, беше: становиштето на организацијата кон двете вооружени пропаганди — грчката и српската. Тука, како главни противници, се исправија еден против друг Пере Тошев и Ѓорче Петров. На крајот беше решено да се преземат строги мерки против двете вооружени пропаганди, што беше и ставот на П.Тошев. Се изработија и посебни директиви за водење на борбата против нив.

Трета важна работа на конгресот беше да ги распредели по реони постоечките раководни сили, и да ги определи нивните должности . Новоизработениот правилник за четите предвидуваше и должност на инструктори-ревизори на четите во округот. Такви се назначија: П. Ацев и Н. Каранџулов во прилепско и мориовско, Хр. Узунов — за охридско, струшко и кичевско, Ѓ. Сугарев — битолско, демирхисарско и ресенско, Г. П. Христов — за леринско и костурско. На Груев му се довери да замине за Порече, за да се справи, според условите на самото место со српската вооружена пропаганда, а на П. Тошев и Јор. Тренков — да ја отстранат истата опасност во Азот — непосредно до Прилепскиот реон.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Go Ka
Модератор
Модератор


Female Број на мислења : 2188
Age : 22
Локација : Струмица
Registration date : 2008-10-22

ПишувањеПредмет: Re: Конгресите на ВМРО   Саб Ное 22, 2008 1:58 am

IV Конгрес - Рилски манастир, 1905 година

По завршувањето на окружните конгреси, на кои биле заземени ставови за поважните прашања што биле од значење за целата Организација, биле создадени услови за одржување на Општ конгрес на ВМРО. Сите револуционерни окрузи имале единствен став дека треба да се одржи таков конгрес.

Кон крајот на септември 1905 година во Софија се одржало Советување на делегатите што биле избрани од окружните конгреси за Општиот конгрес, за да се договорат во кое време и на кое место истиот ќе биде одржан. Делегатите од Серскиот револуционерен округ со Јане Сандански на чело предлагале Општиот конгрес да се одржи во Македонија за на тој начин да се потенцира самостојноста и независноста на Организацијата. Сите останати настојуваа конгресот да се одржи зад границата, дотолку повеќе, што речиси сите делегати беа веќе во Софија и враќањето во внатрешноста беше непрактично и сврзано со губење на време. Ѓорче Петров, Борис Сарафов и други беа најрешително против барањето на серчани. Мнозинството на делегатите зазеле став Општиот конгрес на ВМРО да се одржи на безбедна територија, крај самата граница, во Рилскиот манастир, за да може истиот непречено да работи.

Согласно донесеното решение на Советувањето, Општиот конгрес на ВМРО започнал со работа во почетокот на октомври 1905 година и траел цел месец. На овој конгрес, одржан во Рилскиот манастир, учествувале 22 делегат и тие беа: Даме Груев, Мише Развигоров и д-р П.Кушев од Скопскиот округ, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Борис Сарафов, Георги П.Христов и Павел Христов од Битолскиот округ, Борис Мончев, Аргир Манасиев и Добри Даскалов од Солунскиот округ, Христо Чернопеев, Стојо Хаџиев, Иван Илиев и Мануш Георгиев од Струмичкиот округ, Јане Сандански, Лазар Томов и Илија Балтов од Серскиот округ, Лазар Маџаров, Стамо Икономов, Климент Шапкарев и П.Васков (не дошол) од Одринскиот. За претседател на Конгресот со тајно гласање бил избран Дамјан Груев, а за секретар Ар.Манасиев.

На дневен ред на Конгресот биле поставени следните прашања:

1. Извештај за дејноста на ВМРО по револуционерни окрузи и околии;

2. Натамошна дејност на Организацијата;

3. Организациона поставеност и уредување на Организацијата:

а) Административен дел,

б) Судски дел,

в) Финансиски дел,

г) Културно-економски дел.

4. Литература и печат;

5. Однос и поведение на Организацијата спрема разните групи и струи:

а) Спрема сите пропаганди,

б) Спрема бугарскиот државен национализам и Егзархијата,

в) Спрема врховистите, емиграцијата и општеството во Бугарија,

г) Спрема одделните организациони групи внатре и надвор.

6. Тактика на Организацијата;

7. Отчет за дејноста на Централниот Комитет и Задграничното претставништво.

На Рилскиот конгрес дошла до израз поларизацијата на силите во Организацијата, особено по основното прашање за организациона поставеност и воспоставување на организационо единство. Даме Груев се застапувал за обновување на централизираната организациона структура, а Пере Тошев за децентрализација и примена на принципот на изборност. Делегатите на Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ биле порадикални: барале федералистичко уредување на ВМРО и потполна автономност на револуционерните окрузи.

По повеќедневни полемички расправи, како средна линија било прифатено стојалиштето на Пере Тошев. Тоа било вградено во усвоената од Конгресот Програмска декларација и во основните акти: Уставот и Правилникот на ВМРО. Потоа, Конгресот избрал нов Централен комитет во кој, со изборот на Даме Груев, Пере Тошев и Тодор Поп Антов (од Серскиот револуционерен округ), биле застапени трите револуционерни струи, Задгранично претставништво – од Ѓорче Петров, Димитар Стефанов и Петар Поп Арсов. За редактор на официјалниот орган на ВМРО „Револуционерен лист“ бил избран Димо Хаџи Димов, со усвојување на Уставот и Правилникот и по изборот на Централен комитет, било обновено организационото единство на Организацијата.

По извршените измени, Конгресот донел решение Организацијата повеќе да не се именува со зборот тајна, туку да се вика Внатрешна Македонско – Одринска Револуционерна организација (ВМОРО).

Конгресот ги осудил експанзионистичките планови на балканските држави, кои со продолжително и систематско пропагандно дејствување, како и со засилени терористички акции на уфрлени вооружени пропагандни чети што го тероризирале македонското население и имале за цел да ја спречат автономијата на Македонија. Поради тоа ВМРО донела решение со сите сили и средства да се пресметува со пропагандите на балканските држави.

За одбрана на суверенитетот на организационата територија бил заземен став дека повеќе не можело и не смеело да се толерираат дејста на надворешните организации. Конгресот издал посебно соопштение со кое остро го предупредувал Врховниот комитет во Софија дека ВМРО нема да го толерира неговото дејствување во Македонија; неговите групи и активности ќе ги прогонува „по секоја цена“, а водачите ќе го казнува како „злосторници спрема Татковината“. Од Врховниот комитет се барало веднаш да ја прекине активноста и „доброволно да се растури“, за да може Организацијата „сето свое внимание и сите свои сили да ги сврти против непријателот на нашата Татковина и нашата кауза“.

Рилскиот конгрес извршил крупни измени во внатрешното уредување на Организацијата, засновани врз принципот на децентрализација. Окружните комитети имале право, под одредени услови, да ги отповикаат членовите на Централниот комитет и пред истекот на мандатот. Што значи, тежиштето на револуционерната дејност се пренесувало во револуционерни окрузи.

Решенијата и донесените акти на Општиот – Рилски конгрес на ВМРО (Уставот и Правилникот) ги одразувале погледите и стојалиштата на водечките личности на револуционерните струи во Организацијата. Притоа, не било реално согледана и проценета меѓународната позиција и не било преземено ништо за сообразување со новата реалност создадена со реформите на силите во Македонија. За тоа било потребна политичка зрелост и дипломатска мудрост, која, очигледно, недостасувала.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Go Ka
Модератор
Модератор


Female Број на мислења : 2188
Age : 22
Локација : Струмица
Registration date : 2008-10-22

ПишувањеПредмет: Re: Конгресите на ВМРО   Саб Ное 22, 2008 1:58 am

V Конгрес - с. Жабокрт, 1908 година

Ќустендилскиот конгрес се одржал во првите денови на март 1908 година во с. Жабокрт, Ќустендилско. Таму се собраа следните делигати: Христо Матов, д-р Христо Татарчев, Петар Ацев, Ефрем Чучков, Тодор Черваров, Хр. Шалдев, Петко Пенчев, Петар Чаулев, Тане Николов, Добри Даскалов, Тодор Александров, Милан Гурлуков, Васил Чакаларов, Климент Шапкарев, Христо Силјанов, Илија Биолчев, Мих. Монев, Ангел Узунов. Отсуствуваа делегатите од Серскиот округ - беа непоканети поради нивната положба на отцепници, во која членовите на серскиот окружен комитет сами се поставија по убиството од 28 ноември - и Струмичкиот револуционерен округ, беа поканети но отсуствуваа како протест што бугарската власт продолжуваше да го држи затворен стариот струмички војвода Х.Чернопеев. За претседател едногласно бил избран Христо Матов а за секретари: К.Шапкарев и П.Пенчев.

Конгресот имал за задача: да ја разгледа општата положба во Македонија и Одринско и состојбата на Револуционерната организација; да го ревизира уставот и општиот правилник од 1905 година; да заземе становиште по ред разни прашања, како борбата против вооружените пропаганди, четничкиот институт, младотурското движење, убиството од 28 ноември (на Гарванов и Сарафов) и др.; да ги определи насоките на идната револуционерна дејност; да избере Централен комитет и задгранично претставништво.

На конгресот дошло до полна согласност на сите делегати и желбата да й се врати на Организацијата некогашната моќ и престиж. Конгресната работа протече глатко и се заврши за десетина дена. Трагичната судбина на Гарванов и Сарафов и општото негодување против убијците ги избришаа сите траги од старата разделба помеѓу централистите и сарафистите.

Ќустендилскиот конгрес го прифати уставот без никакви измени, меѓутоа во правилникот биле направени значителни измени. Сето она кое што беше извлечено како поука од двегодишната примена на Рилското законодавство, беше применето во новиот правилник.

Бил избран нов Централен комитет во состав: Павел Христов, Ефрем Чучков и Петко Пенчев. За членови на Задграничното претставништво на ВМОРО во Софија биле избрани Хр. Матов, Михаил Дорев и Апостол Дим. Грежов, а за дополнителни д-р Хр. Татарчев, П.К. Јаворов и Хр. Силјанов.

Конгресот исто така решил да објави дека дотогашниот весник во Софија „Илинден“, се прогласува за официјален орган на ВМОРО.

Конгресот ја потврдил целта на организацијата за извојување на целосна политичка автономија на Македонија и Одринско.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Go Ka
Модератор
Модератор


Female Број на мислења : 2188
Age : 22
Локација : Струмица
Registration date : 2008-10-22

ПишувањеПредмет: Re: Конгресите на ВМРО   Саб Ное 22, 2008 1:58 am

VI Конгрес - с. Србиново, 1925 година

Шестиот општ конгрес на ВМРО се одржал од 7 до 11 февруари 1925 година во с. Србиново (денешно с. Брежани), Горноџумајско. На него учествувале вкупно 41 делегат, 35 делегати од револуционерните окрузи, ЗП и неколку специјални гости. На Конгресот учествуваат по ред со А.Протогеров и И.Михајлов, Г.П.Христов. Г.Баждаров, П.Шанданов, К.Петишев, Ј.Бадев, Ј.Ѓурков, А.Узунов, В.Велјанов, В.Василев, неговиот брат Динката Василев, М.Шкатров, В.Ихчиев, Е.Цеков, Т.Карајовов, И.Караџов, А.Манасиев, Г.Меѓуречки, С.Филипов, П.Михајлов, Б.Изворски, П.Струмички, Г.Гевгелиски, М.Постоларски, Петар Крстов Пашата, Иван Бурло и др. На конгресот претседателствуваше Ангел Узунов. Стенографи беа Пано Поп Пандов и Страхил Развигоров. Обезбедувањето на Конгресот и другите технички подготовки му биле доверени на Петар Станчев, кој пристигнал од Скопско, откако слушнал за убиството на Александров, а во негова помош беа: Дончо Чупаринов, Григор Хаџи Кимов и околу 30 души четници, вон од вооружените селани.

Дневниот ред на конгресот ги содржел следните поважни прашања:

1. Отчет на ЦК.

2. Прифаќањ на нов устав и правилник на организацијата.

3. Нова територијална структура.

4. Избор на нов ЦК на ВМРО.

5. Избор на ЗП.

6. Идната дејност на организацијата и др.

Политичкиот отчет на Централниот комитет и Задграничното претставништво од 1908 до 1925 година, т.е. за 17 години одкако не бил одржан конгресот го подготвуваат Г.Баждаров и В.Василев а го поднел Георги Баждаров. К.Прличев го прочитал подготвениот боев отчет од него, а А.Протогеров дал финансиски отчет. Извештајот за убиството на Т.Александров го прочитал Н.Томалевски. После кратките дискусии отчетите биле прифатени.

Најмногу време се посветило на измените на Уставот и Правилникот организацијата, во кои целта на ВМРО и натаму останала иста: Обединувањето на разделена Македонија во нејзините географски граници и извојувањето на нејзината целосна политичка автономија (самоуправување) – чл. 1. - и да се подготви македонското население, без разлика на вера и народност, за револуционерни акции, а во краен случај на едно општо и масовно востание. Конгресот исфрли и повеќе политички резолуции, помеѓу кои и резолуцијата за тактиката на ВМРО, составена од Г.Баждаров.

Конгресот ја доуточнува распределбата на организационата територија во следниот вид:

Битолски организационен округ со околии Костурска, Битолска, Прилепска, Крушевска, Кичевска, Охридска, Струшка, Дебарска и Ресенско-Преспанска.

Скопски револуционерен округ, ги вклучува околиите Скопска, Тетовско-Гостиварска, Кичевска, Царевоселска, Штипска, Св. Николска и Велешка.

Солунски револуционерен округ со околиите Солунска, Кукушка, Ениџе-Вардарска, Воденска, Маглишка, Негушка, Гевгелиска и Тиквешка.

Серски револуционерен округ со Серска, Демирхисарска, Драмска и Ковалска околија.

Струмички револуционерен округ со околиите Поројска, Дојранска, Струмичка, Малешевска и Радовишка.

Врските меѓу соседните револуционерни околии се остваруваа преку окружните комитети, а окружните раководства контактираа меѓу себе преку ЦК на ВМРО. Пограничните околии одржуваа врски со најблиските пунктови началници на начин каков што сами ќе си определат, но само по прашања од информационен карактер, како брзо соопштение и др.

Определено е уште за Пиринскиот крај, каде што се сосредоточени основните сили на организацијата, и за Скопскиот револуционерен округ да одговара Ив. Михајлов. За Битолскиот округ во ЦК одговара Г. Поп Христов, а за Солунскиот, Серскиот и Струмичкиот револуционерен округ е задолжен Ал. Протогеров.

На крајот се пристапило кон изборот на телата. Во изборот на новиот состав на Централниот комитет Иван Михајлов од Штип бил избран со 39 гласа, речиси едногласно, после по бројот на гласовите бил избран Георги Поп Христов од с. Крстоар, Битолско и Александар Протогеров од Охрид со околу 27 гласа од 40.

Како резервни членови на ЦК по бројот на гласовите биле избрани: Петар Шанданов од Охрид, Јордан Ѓурков од Штип и Никола Василев од Радовиш.

Задгранични претставници: Кирил Прличев од Охрид, со најмногу гласови, после Георги Баждаров од с. Горно Броди, Серско и Никола Томалевски од Крушево.

Како резервни претставници за ЗП: Тома Карајовов од Скопје, Јордан Бадев и Ангел Узунов (брат на Христо Узунов). Сите тие избрани 12 души, образувале еден виш совет на ВМРО.

Големи дискусии се воделе за Виенската акција – потпишувањето на манифестот и откажувањето од него. Интересно е да се одбележи, дека конгресот прифаќа специјална резолуција, во којашто се изјавува: ВМРО ќе ги гони оние дејци на организацијата или луѓе надвор од неа, коишто се поврзани со убиството на Т. Александров. На Конгресот, од страна на М.Монев (зет на Т.Александров), Петар Пашата (прилепски војвода) и Иван Бурло, имало обиди за обвинување на А.Протогеров за убиството на Т.Александров, но тие поминале без успех.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Go Ka
Модератор
Модератор


Female Број на мислења : 2188
Age : 22
Локација : Струмица
Registration date : 2008-10-22

ПишувањеПредмет: Re: Конгресите на ВМРО   Саб Ное 22, 2008 1:59 am

VII Конгрес - с. Крупник, 1928 година

Oд 21 до 25 јули 1928 година во с. Крупник, Горноџумајско, во месното училиште, се одржал Седмиот општ редовен конгрес на ВМРО. Присуствуваат делегати од три револуционерни окрузи: Скопскиот округ – 8 делегати (К.Лазаров, М.Опилски, Ев.Полски, Д,Христов, В.Велјанов, К.Дрангов, Ј.Ѓурков и Вл.Куртев), Струмички - 4 (Г.Вандев, Хр.Андонов, Ст.Вардарски и Б.Бунев) и Серски – 1 (Милан Постоларски). Освен нив, Пиринска Македонија е претставена со 5 души (Ив.Караџов, Ив.Вапцаров, Ст.Филипов, Г.Настев и С.Развигоров). Или вкупно 18 делегати од потребните 26, плус Ив.Михајлов, што било две третини од сите делегати. На конгресот присуствуваат и 14 души гости, главно заслужни дејци на организацијата и приврзаници на И. Михајлов (Н.Георгиев, Т.Стоилков, Г.Гочев, Г.Меѓуречки, А.Манасиев, И.П.Евтимов, Кр.Велјанов, С.Евтимов, Т.Карајовов, Ј.Чкатров, Д.Великов, Г.Јанев, Д.Данаилов и Менча Карничева-Михајлова). На конгресот не присуствуваа членот на ЦК Георги Поп Христов и членовите на Задграничното претставништво Наум Томалевски, Кирил Прличев и Георги Баждаров, кои требало да дадат отчет пред конгресот за дотогашната работа.

Формирана е тричлена комисија за проверка на полномошната (Г.Настев, Ев.Полски и Ст.Вардарски), а потоа и биро на конгресот во состав: Ив. Караџов-претседател, секретари: С. Развигоров и Б. Бунев и потпредседатели- Ил. Поп Илиев и Кр. Лазаров.

На конгресот е прифатен и дневниот ред:

1. Отчет на ЦК;

2. Отчет на ЗП;

3. Дебати по отчетите;

4. Промени на Уставот и Правилникот;

5. Разно;

6. Избор на ЦК и ЗП и

7. Прифаќање на резолуциите.

Отчет за дотогашната работа изнел Иван Михајлов. Пред конгресот Ив. Михајлов прави пособено излагање за убиството на Ал. Протогеров. Обвинувањата против него започнуваат уште од почетокот на 20-те години, кои минуваат во некоректен однос кон Т. Александров, потоа учество во неговото убиство, до неговата намера да ги "истреби сите пријатели на Тодор".

Преднацртот за измена на Уставот и Правилникот на ВМРО го прави Ј. Гурков. Измените пред сe се однесуваат за Задграничното претставништво, што отпаѓа како институција. Во новиот устав се предвидува пред надворешниот свет организацијата да се претставува од ополномоштени лица од ЦК.

На конгресот бил избран нов состав на Централниот комитет на ВМРО, во кој влегле: Иван Михајлов, Иван Караџов и Страхил Развигоров. За резервни членови се избрани: Јордан Гурков, Вл. Куртев и Ив. Поп Евтимов.

Конгресот не избира членови на ЗП. Дотогашната дејност на ЗП е оценета како "целосна неактивност" и систематски изолирање на ЦК од општествени фактори и лица, а исто така и незаконитата интервенција во неговите компетенции. Г. Баждаров, К. Прличев и Н. Томалевски, коишто откажуваат да присуствуваат на конгресот, како и Г. Поп Христов се прогласени за отпадници од организацијата.

Како ополномоштени лица се избрани Михаил Монев и Јордан Гурков.

На Конгресот биле извршени измени на Уставот и Правилникот на ВМРО и била донесена посебна Резолуција за продолжување на борбата за извојување автономија на Македонија и преку културната и легалната борба да се дојде до создавање на самостојна и независна држава Македонија.

Конгресот прифаќа резолуција, со којашто го оправдува Ив. Михајлов за убиството на Протогеров. Во неа се кажува, дека уште пред септември 1924 г. Ал. Протогеров, служејки се со заблуди и интриги постојано се стремел да го осрамоти името на Т. Александров, да создава расположение против него, што доведува и до неговото убиство. Со своето поведение тој внесувал раскол во организацијата и ја довел во опасност нејзината целовитст и самостојност. Тој е учесник и во убиството на Т. Александров. Имајќи предвид кажаното, според резолуцијата на конгресот, Ив. Михајлов го исполнил својот долг, кога решил и дал заповед за неговото убиство. Со тоа тој ги зачувал врвните интереси на организацијата.

Во специјална резолуција на конгресот ВМРО декларира, дека ќе го продолжи делото на Т. Александров и ќе се бори за извојување на полна политичка автономија на Македонија.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Go Ka
Модератор
Модератор


Female Број на мислења : 2188
Age : 22
Локација : Струмица
Registration date : 2008-10-22

ПишувањеПредмет: Re: Конгресите на ВМРО   Саб Ное 22, 2008 1:59 am

VIII Конгрес - с. Тросково, 1932 година

Осмиот општ конгрес на ВМРО се одржал од 11 до15 април 1932 година во с. Тросково, Горноџумајско.

За членови на новиот Централен комитет на ВМРО биле избрани: Иван Михајлов, Владимир Куртев и Георги Настев. За резервни членови се избираат: К. Дрангов, М. Монев и Ј. Чкатров.

На него е ислушан и одобрен рефератот за периодот од 1928 до 1932 г. Освен тоа хрватското и албанското националноослободително движење со ВМРО склучиле спогодба за заеднички дејствија против големосрбската освојувачка и асимилаторска политика.

На Конгресот со жалење е констатирано дека без резултат останале сите петиции испратени до Општеството на народите и до владите на големите сили испратени од страна на македонските легални организации, од протераното македонско свештенство и од специјалните делегати на поробеното македонско население.Од конгресот се отфрлени „балканските конференции“, чијашто цел беше да го зацврсти дотогашното статускво на Балканскиот полуостров. Обединувањето на балканските народи се смета за пожелно и полезно, но конгресот како услов за балканска федерација ја посочува независноста и целокупноста на Македонија. И тој конгрес го задолжува Централниот комитет на ВМРО да продолжи докрај со пронаоѓањето на оние кои имаат вина за убиството на Тодор Александров.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Sponsored content




ПишувањеПредмет: Re: Конгресите на ВМРО   Today at 9:03 am

Вратете се на почетокот Go down
 
Конгресите на ВМРО
Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Вратете се на почетокот 
Страна 1 of 1

Permissions in this forum:Не можете да одговарате на темите во форумот
CoolZone :: Живот :: Наша мила Македонија-
Отиди до: