Среќата со пари не се купува?
Парите
се услов за среќа. Но, да се имаат многу пари не значи и дека
автоматски ќе се биде посреќен. Тоа го утврди истражувањето на условите
на живеење во ЕУ и во земјите кои прават напори да станат дел од
унијата.
Најсреќни Европејци, според истражувањето спроведено
од Европската фондација за унапредување на условите на живеење и работа
(Еурофаунд), се Данците, Швеѓаните и Финците. Најдолу на табелата се
Бугарите, а Македонците се на претпоследното место. Германците, заедно
со Словаците и Чесите се вбројуваат во европскиот просек. Посреќни од
нив се Французите, Британците и Шпанците, а понесреќни Полјаците,
Австријците и Италијанците.
Македонците се на дното на скалата за среќа и приходи
„Земјите
со високи приходи, на прашањето за тоа колку се задоволни со својот
живот, се пласираат добро“, вели Бранислав Микулиќ од Фондацијата.
Македонија е на дното на скалата на приходи во домаќинството. Едно
македoнско домаќинство има само една третина од приходите што просечно
се добиваат во Европа. Тоа, можеби би можело да ја објaсни позицијата
на Македонија на дното на табелата за среќа, но она што треба да се
подвлече, е фактот дека среќата и задоволството не растат
правопропорционално со дебелината на банковната сметка. Според Микулиќ,
кога ќе биде достигнато определено ниво на приходи, тогаш парите веќе
не играат голема улога при порастот на квалитетот на живеење. Најдобар
пример се нордиските земји, каде испитаниците кои земаат различно
високи плати, имаат отприлика еднакво чувство на среќа и задоволство.
Во Германија, Франција, Полска и Австрија, пак, контрастите меѓу
сиромашните и богатите граѓани се поголеми.
Германците се во европскиот просек |
На иднината се гледа со розови очила |
|
Истражувањето
на Еурофаунд покажува и дека голем број европски граѓани не се
чувствуваат здравствено најдобро. „Не многу луѓе на прашањето за
нивното здравје одговараат дека е тоа добро“, објаснува експертот
Роберт Андерсон. А, здравјето и семејството се двата клучни фактори за
задоволство. И во делот на менталното здравје, Македонците се меѓу
четирите земји кои се најдолу на табелата. Зад нив се уште само
Романците, Турците и Малтежаните. Со најдобро ментално здравје се
луѓето од нордиските земји, а Германците и во тој дел се европски
просек.
И покрај сите проблеми, повеќето граѓани во времето на
спроведување на истражувањето - од септември 2007. до февруари 2008. на
иднината гледале оптимистички. Германците, дури, биле нешто малку
поубедени во добра иднина отколку просечниот Европеец. Песимистите
преовладуваат само во Унгарија.