Илија Маглајчевиќ(46) од Брезово Поље кај Брчко преживеал пад на глава од височина поголема од десет метри и притоа не се здобил со ниту една посериозна повреда, објави хрватскиот Тпортал.
Маглајчевиќ вчера бил отпуштен од болница каде бил на петдневно набљудување. Изјавил дека се чувствува одлично и дека имал само една мала исекотина на глава. Тој објаснил дека незгодата му се случила минатиот четврток кога во поткровје на неговата двокатна куќа поставувал надворешно осветлување.
- Се сеќавам само дека со една нога застанав на една штица, по што таа се скрши под мојата тежина. Почнав да паѓам и веќе на ништо не се сеќавам – кажал Маглајчевиќ по излегувањето од болница.
Продавачка Јорданка Недиќ која работела во дуќан во приземје од куќата рекла дека слушнала „само како нешто удрило“. Кога истрчала надвор го видела шефот како неподвижно лежи.
Началникот на хирургија во болницата Драган Нинковиќ изјавил дека Маглајчевиќ е вистински феномен бидејќи такви случаи најчесто завршуваат со кршење на базата на черепот.
- Такви повреди преживува само мал број од унесреќените кои обично остануваат трајни инвалиди. Овој човек помина со минимални повреди, без поторес на мозокот и со неоштетени коски. Навистина имаше необјаснива среќа или пак, подарок од Господ – изјавил хирургот.