Полицијата не ја демантира вчерашната вест во „Време“ дека изминатава година во два наврати бил загрозен животот на премиерот Никола Груевски. И денеска официјалниот став е изјавата на Гордана Јанкуловска за вчерашното издание на весникот „Време“:
„Не можам да коментирам за такви случаи поради чувствителноста на материјата“, изјавила министерката за весникот.
Претходникот на Груевски, Владо Бучковски, вели дека од безбедноста не треба де се собираат ситно популистички поени.
„Сето ова мене ми изгледа, сите информации кои проструија низ јавноста, како желба на безбедносни структури да искористат такви информации за дневно политички цели“, изјави Владо Бучковски, поранешен претседател на Влада.
Правни експерти за А1 коментираат дека обид за атентат врз првиот човек на Владата е и државен удар, посебно кога станува збор за закана од друга земја. Тоа според нив значи загрозување на суверенитетот на Македонија.
Зошто за таков сериозен инцидент никој кривично не одговара? И зошто обезбедувањето на денот без автомобил му дозволило на Премиерот пешки да оди од дома до работа, во услови кога постоеле така сериозни закани?
Во поновата историја македонските политичари често биле мета. Глигоров преживеа атентат за кој се уште нема обвинети, но е поднесена кривична пријава за непознат сторител.
Во мај годинава гевгеличанецот Благој Ризов заработи кривична пријава за загрозување на безбедноста, поради тоа што испрати писма до кабинетот на претседателот Црвенковски и премиерот Груевски со заканувачка содржина.
И Сребра Тодевска која го испрска со вода Киро Глигоров во времето кога беше претседател, беше кривично гонета.
За време на кризата беше пукано и кон кабинетот на тогашниот претседател Трајковски. Сторителот кривично одговараше.
Но, во последниве две години сериозни закани остануваат нерасветлени. Терористичкиот напад врз Владата кој драматично го обелодени Боцевски нема завршница, а МВР не обелоденува дали и кои криминални структури и која соседна земји планирале заговор против премиерот Никола Груевски.
Досега кривична пријава нема.