Вашингтон, 31 октомври (МИА) - Кандидатите за претседателските избори во САД, републиканецот Џон Мекејн и демократот Барак Обама вчера ги продолжија последните обиди за придобивање на нерешителните гласачи во сојузните држави, кои може да го одредат изходот од изборите.
Во планираните активности на Обама беа посетите на Флорида, Вирџинија и Мисури, при што тој ги користеше новите податоци на Владата, кои покажуваат пад на економијата за 0,3 проценти во третото тримесечие, како доказ дека е неопходна смена на пристапот во решавањето на економските проблеми.
Мекејн пет дена пред гласањето го осуди планот на Обама за зголемување на даноцоте на најбогатите Американци во корист на економскиот развој и ја стави под знак прашалник способноста на демократскиот кандидат да управува со земјата во време на криза.
- Сенаторот Обама сака да го потроши богатството, додека јас сакам да создадам ново, изјави Мекејн во Охајо.
Мекејн и кандидатката за заменик-претседател на републиканците Сара Пејлин ја продолжија својата акција во Пенсилванија, со цел да да ја привлечат традиционално демократската држава на страната на републиканците. Според анкетите Обама води со 9,5 проценти пред Мекејн во оваа сојузна американска држава.
Анкетите спроведени од „Расмусен“ и „Галоп“ му даваат предност од пет проценти на Обама во однос на Мекејн, додека според истражувањето на „Фокс њуз“ демократскиот кандидат води со три проценти.