Пере Наумов Тошев (Прилеп, 1865 - Дреновска Клисура, 1912). Се школувал во родниот град, Битола, Солун и Пловдив. Својот немирен бунтовнички темперамент и изострено чувство за праведност младиот прилепчанец ќе го искаже уште како ученик во Солунската бугарска машка гимназија "Св. Кирил и Методиј" кон 1883 година од која бил отстранет , заедно со уште десетина македонски ученици меѓу кои е и идниот голем другар на Пере Тошев, Ѓорче Петров. Овие македончиња ќе бидат исклучени поради гласно искажаното незадоволство од политиката на училиштето. Завршил гимназија во Пловдив во 1885 година. Во 1885 година зема учество во Српско-бугарската војна како доброволец во бугарската армија. Се сражава во боевете при Сливница за кое е награден.
Подоцна како професор во битолската гимназија, Пере Тошев го формирал првиот револуционерен округ во кој ќе соработува заедно со Ѓорче Петров. Неговиот револуционерен и бунтовнички дух ќе ги фасцинира турските иследници и власти за време на судењето на актерите од познатата Солунска провала од 1901 година меѓу кој спаѓа и самиот тој, кој се залагал за самостојност на македонското национално ослободително движење и кој бил заколнат противник на врховизмот. Тоа најмногу го искажал на прилепскиот окружен конгрес, кога на неговите ставови за пропагандите од соседните држави не можел да му се спротистави ниту влијателниот Даме Груев.
Во 1901 година е осуден на заточение во Подрум-кале, но е амнестиран во пролетта 1903 година пред Илинденското востание. За време на илинденското востание дејствува во прилепскиот крај, кај Мариово.
Пере Тошев е учесник во работата на Солунскиот конгрес од 1896 година, кога станува и член на Централниот Комитет на ТМОРО. Учесник е и на прилепскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ од 1904 година, како и на Рилскиот конгрес од 1905 година, на кој поднесува Правилник за нејзината работа. На овој конгрес, повторно е избран за член на централниот комитет. Заедно со Јане Сандански учествувал во работата на Серскиот конгрес од 1906 година. По младотурската револуција бил бугарски училишен инспектор во Солун.
По убијствата на Сарафов и Гарванов, заради својата консеквентна припадност на левото крило бил прогонуван од страна на бугарската полиција во Софија.
Пред првата балканска војна се разболел, па скришно се лекувал во Софија. По закрепнувањето решил да се врати во татковинска Македонија. На пат кон својот роден град Прилеп, на 4 мај 1912 година попаднал во турска заседа, и бил убиен во Дреновската клисура, Велешко. Погребан е кај црквата во село Фариш, Тиквешко.
Датумот на неговата смрт се совпаѓа со датата на убиството на друг македонски револуционер, Гоце Делчев од 1903 година.