Тодор Александров 1881, Ново Село, Штипско - 30 август 1924, Сугарево, Бугарија.
Ученик во Бугарското машко 3-то класно и педагошко училиште во Скопје и во Солунска машка гимназија "Св. Кирил и Методиј", во времето кога Христо Матов, главниот идеолог десницата на ВМРО бил директор.
Во 1897 година се вклучил во македонското револуционерно движење. За прв човек на ВМРО дошол по Балканските војни и Првата светска војна. Според некои македонски историчари тоа се случило со повеќе отпори, пред сè од постарите револуционерни кадри.
Се тврди дека неговите истомисленици за да ги заплашат претендентите за таа висока функција извршиле неколку убиства, воглавно на луѓе од левицата. Убиен бил и Ѓорче Петров. Сепак, со поддршка на националистичките кругови и Воената лига во Бугарија, и на Христо Матов, тој ја зазема најважната позиција на автомистичка ВМРО.
Погрешно е прифатено дека Александров е во групата на десните македонски револуционерни сили, кои имале пробугарска ориентација и кои сметале дека Македонија била бугарска територија, а Македонците - Бугари.
Повеќемина од историчарите тврдат дека зад залагањето на Александров за автономна Македонија секогаш стоела прикриена цел подоцна, кога ќе се зоздадат услови, да се приклучи кон Бугарија. Академик Иван Катарџиев подвлекува дека проекцијата на Александров за автономија на Македонија се сведува на следново: Борбата за автономна Македонија продолжува сè додека не се добие барем автономно уредување за трите дела на земјата поделена меѓу Србија, Грција и Бугарија. Таа цел, обединета, независна или автономна Македонија може да биде поставена под заштита на Друштвото на народите или на една од големите сили, негови членки, или да влегува во југословенската држава како рамноправен член во една федерација доколку Србите прифатат федерално уредување на новата држава, пишува нашиот познат историчар во книгата "Македонија сто години по Илинденското востание“, издадена од "Култура".
Според академик Катарџиев, потпишувањето на познатиот Мајски манифест во Виена е најголем дострел во револуционерната аквивност на Тодор Александров во 1924 година со кого е постигнат договор за обединување на левите и десните македонски револуционерни сили. Манифестот е потпишан по преговорите што ги имал Александров со претставници на тогашниот Советски Сојуз и со Коминтерната.
Тогаш е потпишана и посебна декларација според која иднината на Македонија повеќе не се поврзува со Бугарија, туку во една наполно самостојна држава, обединета во нејзините етнички граници, која би можела да се обезбеди во рамките на една балканска федерација.
Според македонските историчари, поради потпишувањето на манифестот, Александров ќе биде ликвидиран крај селото Сугарево во Пиринска Македонија, неколку месеци подоцна, на 30 август 1924 година. Се смета дека убиството го нарачало бугарскиот двор, незадоволен од тоа што Александров се здружил со левите сили кои се бореле за самостојна Македонија.
И самиот Александров набргу ќе сфати каква голема грешка направил со тоа што го потпишал манифестот. Затоа ќе прави сè текстот на Манифестот да не дојде до јавноста. Во една пригода на својот истомисленик Александар Протогеров ќе му се исповеда: Кога ги читав, се накострешив. Големи пакости ќе се направат со нивното публикување, не само на борбена Македонија, но и на целото бугарско племе... Ќе помислиме како да ја поправиме таа наша грешка.
Александров двапати се сретнал со германскиот кајзер Вилхелм II во 1917 година од кого бил одликуван со железен крст.
Бугарскиот став за Тодор АлександровБугарските историчари сметаат дека нема никакви дилеми за љубовта што ја имал Александров спрема Бугарија. Според нив, тој целата своја волја ја насочувал за заштита и спасување на македонската бугарштина, која во неговите претстави била исконски дел од општобугарското духовно и етничко пространствоои.
Револуционерен идеал на Александров бил "среќно доведување до добар крај на започнатото дело - обединување на бугарското племе.
Софиските историчари истакнуваат дека во војните на Бугарија, Тодор Александров мислел и работел многу подостоинствено и поодговорно и од редица бугарски државници и политичари. Бугарите отсекогаш, а и денес го слават Тодор Александров. Неговото име го носат улици и школи во Бугариjа. За време на окупацијата на Македонија во Втората светска војна, тие во Штип поставија спомен-плоча на местото на неговата родна куќа, која своевремено ја посетуваа претставници на Македонската патриотическа организација, предводени од министри на првата вмровска македонска влада.