Грчка Влада – Обид за одлагање на решението за името
Атина /17/11/ 21:03
Грчката Влада вечерва оцени дека Владата во Скопје, со покренувањето на постапка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција, само се обидува да го одложи решавањето на меѓусебниот спор за името.
Македонската Влада денеска поднесе тужба бидејќи Грција на самитот на НАТО во Букурешт, во април годинава, ја спречи поканата за влез на Македонија во Алијансата, со што, според македонските власти, го прекрши делот од Времената спогодба од 1995. година, во која се вели дека Грција нема право да го спречува зачленувањето на земјата во меѓународни институции доколку тоа се одвива под привремената референца ПЈРМ.
Министерството за надворешни работи на Грција вечерва на својата веб страница ја објави изјавата на својот портпарол Јоргос Кумуцакос, кој укажува дека Грција не ја прекршила Времената спогодба.
Тој појасни дека Владата во Македонија „го отфрлила неодамнешниот пакет идеи... на ОН(за решавање на спорот со името) и ја продолжува тактиката на одолговлекување“.
„Македонија и порано флагрантно прекрши повеќе темелни и за неа обврзувачки одредби(од Времената спогодба)... и темелните начела на добрососедство“, возврати Кумуцакос, кој најави дека Грција во судот во Хаг ќе поднесе докази за тоа.
Со обраќањето до Меѓународниот суд на правдата, „скопската Влада уште еднаш потврдува дека не е заинтересирана за брзо решавање на спорот околу името“, укажува Кумуцакос, додавајќи дека и покрај тоа „Грција ќе остане доследна на процесот под покровителство на ОН за изнаоѓање на обострано прифатливо решение за името“.
Најголемата опозициона партија во Грција ПАСОК вечерва оцени дека „националистичкото раководство во Скопје очигледно ги води во ќорсокак напорите за решавање на проблемот со името“.
ПАСОК ја критикуваше и грчката Влада дека „ја скопјанилизирала надворешната политика заради внатрешно-политички потреби“ и дека за тужбата на соседот дознала од медиумите.