Дилемата кога Европската Унија ќе ги укине визите за македонските граѓани, е надмината. 2009 та дефинитивно е година кога Македонија ќе добие визна либерализација.
Ова за Сител го потврдија дипломатски извори од Брисел, по вчерашниот состанок на Директоратот за правда и внатрешни работи кој директно е задолжен за визната политика на Унијата.
СИТЕЛ дојде до заклучоците на работна група за Западен Балкан.
Во нив се вели: "Не постои задоцнување поради политички причини.
Извештајот за Македонија во голема мера е позитивен!
Тој ќе ја содржи истата референца како и стратешкиот документ, а тоа е дека 2009 -та е година кога се очекува визна либерализација".
Првите луѓе на Унијата задолжени за оваа проблематика констатирале дека Македонија е најнапредна на Балканот, и дека сите крупни реформи за добивање на визна либерализација, земјава ги има исполнето.
Овие заклучоци ќе бидат дел од финалниот извештај на Европската Комисија кој официјално ќе биде објавен за два дена.
Извештајот прво ќе се најде пред европарламентарците, кои ако го одобрат, истиот ќе го гласа Советот на Европската Унија со двотретинско мнозинство.
Пред Унијата да ја донесе конечната одлука, во Македонија уште два пати ќе бидат испратени мониторинг групи, пред и по нова година, со цел да утврдат дали целосно се спроведени реформите, за Македонците без визи да се движат во Шенген зоната.
Поддршка за визна либерализација Македонија денеска доби и од Франција.
- Добивме уверување дека оваа рампа ќе се дигне и дека по Берлинскиот ѕид за македонските граѓани ќе падне и последниот ѕид во Европа, тоа е шенгенскиот ѕид – рече вицепремиерот Ивица Боцевски.
- Франција ја поддржува Македонија во процесот на визна либерализација и во наредниот период ќе вложиме напори за забрзување на овој процес и за донесување на одлука за ова прашање во следните 6 месеци – рече Жан Пјер Жуије – државен секретар за европски прашања на Франција.
Со денешната средба со Жуије, Боцевски ја заврши тридневната посета на Париз.