Владата тврди дека се реализирани 90 проценти од европските барања, но тоа нема да биде доволно Европската комисија да препорача отворање на преговори за членство со Македонија. Она што вчера го најави Брисел, Скопје го прифаќа како реална оценка на состојбите во земјата.
„Нема неуспешен, успешен, полу успешен, црн, бел, розев, жолт извештај. Постои само извештај на ЕК, тој извештај претставува реална оценка и реален преглед на РМ во текот на годината во однос на европската интеграција“, изјави Ивица Боцевски, вицепремиер.
А реалната оценка ја знае и премиерот.
„Единствено што знам уште од поодамна дека е објавено дека оваа година нема да го добиеме датумот за преговори. Се друго не сум во тек, така што кога ќе го прочитам ќе коментирам“, рече Никола Груевски.
Рен: Ми се чини дека осумте услови не се исполнети
„Во моментов, ми се чини дека осумте услови не се исполнети, ниту пак деветтиот, кој се однесува на изборите“, изјави еврокомесарот за проширување на Унијата Оли Рен.
За слабостите е свесна и Владата. Изборниот ден, политичкиот дијалог, јавната администрација и судството. Опозицијата критикува со спортски речник, фокусирајќи се на проблемот со името.
„Тоа веројатно е некоја епидемија која го зафати премиерот. Боцевски говори за проценти, тој говори дека водиме, јас не гледам дека водиме. Последниот предлог говори дека објективно Република Македонија од полувреме во полувреме има само полоши резултати“, вели Владо Бучковски, СДСМ.
Извештајот на Европската комисија ќе стаса за две недели. Времето е кусо за да се поправи впечатокот, но ветувањата се дека земјата жестоко ќе продолжи на патот на интеграцијата.
По 5. ноември Македонија ќе ја раситни четвртата година како земја кандидат и ќе добие продолжен рок за исполнување на преостанатите 10 проценти од зададените критериуми.
Извор:А1